Значењето на дигиталната писменост и опасноста од дигиталниот јаз
Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики

Информациските и комуникациските технологии незапирливо навлегоа во сите области на современиот живот. Во овој контекст, дигиталната писменост стана многу повеќе од можност за ракување со компјутери. Таа, речиси насекаде, се вгради во основите на современиот развој на државите. Важноста на дигиталната писменост е докажана со многубројни национални и регионални планови за развој и создавање рамки за вклучување на дигиталната писменост во образованието, како и со носење стратешки планови за зајакнување на дигиталната писменост на граѓаните.
Дефинициите за дигиталната писменост се разликуваат. Некои дигиталната писменост ја сметаат за нова писменост која ја сочинуваат повеќе димензии, претставени во нови, мултимодални социјални практики. На пример,експертот на УНЕСКО, Ала-Мутка, ја дефинира дигитална писменост како збирна писменост од други писмености и, како таква, таа е поголема од збирот на другите писмености, кои вклучуваат информацииска, медиумска и интернет писменост, како и компјутерска или ИКТ писменост (т.е. знаење и вештини за хардвер и софтвер). Исто како традиционалната писменост и нумерирањето, според Карпати, исто така експерт ангажиран од УНЕСКО, таа опфаќа збир на основни вештини кои вклучуваат употреба и производство на дигитални содржини, обработка на информации и пребарување, учество на социјалните мрежи за создавање и споделување на знаење, како и широк спектар на професионални компјутерски вештини.
Покрај основното ниво на дигиталната писменост, во литературата се сретнува и поимот дигиталната флуентност, за кој се смета дека е стекната вештина. Таа не е природен или вроден квалитет на луѓето. За да бидат дигитално флуентни, потребно е корисниците да ги употребуваат уредите репетитивно и да ги градат нивните капацитети за да станат адаптирани корисници. На тој начин, употребата на технологијата е вткаена во секојдневието. Според теоретичарот Орликовски: „Континуираната навика да употребуваме технологија резултира со повторување и секојдневно користење и на тој начин се засилува таа навика, така што со текот на времето, нејзиното користење се зема здраво за готово.“
Кога станува збор за употребата на новите ИКТ во образованието, решенијата за секоја земја се специфични, но и неизбежни. Со оглед на тоа дека Четвртата индустриска револуција веќе се одвива и таа во овој век ќе уништи голем број од постојните работни места, ние сме принудени да се насочиме кон она какви ќе бидат работните места во иднина и да размислуваме каков облик на образование ни е потребен. Секоја држава е исправена пред предизвикот дали навреме ќе се вклучи во процесот на реформирање на образованието, дали ќе биде релевантен чинител во светските трендови и секоја национална власт е одговорна да овозможи новите генерации да се подготват за предизвиците на дигиталната ера. Според комуникологот Парк, употребувањето на технологиите, вклучително и на дигиталните, во голема мера е определено од општествените и културните норми на постојното општество, на кои им претходи долга историска траекторија за тоа како човечката раса ја прифатила и ја унапредувала технологијата со текот на времето.
Директорот на Светскиот едукациски форум, Доминик Севиџ, смета дека е неизбежно „да се посветиме на она што можеме да очекуваме во следните 10-20 години, во временскиот рок за децата кои почнуваат со училиште“. По две децении, сегашните деца ќе бидат оние што ќе работат во еден поинаков свет, во којшто Четвртата индустриската револуција ќе уништи голем број од сегашните работните места, па дури и некои економии, така што сите ние сме принудени да се соочиме со тоа како нов предизвик од којшто ќе се создаде поинаков облик на образование кое нема да биде само обука за нови работни места туку и ќе им донесе задоволство на младите луѓе.
Теоретичарите Хексман и Девард, потенцираат дека дигиталната писменост не е техничка категорија која го опишува минималното функционирање на степен на дигитални технолошки вештини, туку поширок капацитет за партиципација во општество кое употребува дигитални комуникациски технологии на работните места, потоа и во власта, образованието, културата, јавниот простор и во домот, како и на места за забава и опуштање.
Кога станува збор зa образованието, од аспект на општообразовните цели, дигиталната писменост има корисен ефект со оглед на тоа што ги зголемува основните вештини и компетенции. Студија спроведена од страна на Агенцијата за комуникации и технологија на Британија, БЕКТА, покажува дека употребата на интегрираната технологијата во британското образование овозможува низа позитивни исходи за учениците, вклучително и подобар напредок за девојчињата и за момчињата во клучните фази, односно, старосни групи од 5-10 години. Студијата покажува дека учениците кои имаат талент за предметот математика напредуваат многу побрзо кога им е развиена дигиталната писменост и кога предметите од областа на математиката и науката педагошки им се пренесуваат преку употреба на ИКТ технологии. Исто така, значаен показател се резултатите од Генералниот сертификат за средно образование (GSCE), според кои мoже да се заклучи дека оние ученици со добро развиени вештини за дигитална писменост постигнале подобри резултати по сите предмети. Генерално, дигиталната писменост има позитивни ефекти врз вештините кои се потребни за успешно совладување на материјалот. Дигитално писмените ученици можат полесно да пристапуваат до информации бидејќи, сѐ поголем број податоци се достапни во дигитална форма, во депоа до кои е полесно да се пристапи, отколку до традиционално базираните ресурси за учење.
Управувањето со информациите е компонента на дигиталната писменост којашто студентите ја стекнуваат и ја користат во нивниот приватен живот преку различните социјални мрежи и како дел на онлајн заедниците. Технологијата и пристапот до мрежата носат и потенцијални опасности. Бидејќи децата се дел од овој систем, тоа е посебно сензитивна тема и сè повеќе се развива свесност за нивните дигитални права. Заштитата и правата на децата кои се вклучени на интернет е иницијатива чијашто цел е конструирање дигитален свет кој ќе биде потранспарентен и заштитувачки насочен кон нивното место во овој виртуелен и јавен простор.
Дигиталната писменост е катализатор којшто овозможува стекнување на други важни животни вештини. Порано, дефинирањето на компјутерската писменост било фокусирано на совладување технички правила и способности. До крајот на 20-тиот век, оваа дефиниција значително се проширила. Општата дефиницијата за дигиталната писменост, која е договорена на експертскиот состанок на УНЕСКО во јуни 2003 година во Париз, е следнава: „Дигиталната писменост е способност да се идентификуваат, разберат, интерпретираат, создаваат и комуницираат компјутерски содржини, како и користење печатени и пишани материјали поврзани со различни контексти“.
Последнаиве децении се увиде дека дигиталната писменост е неопходна за да се избегне дигиталната исклученост која, според комуникологот Парк, „е нова форма на општествена нееднаквост што произлегува од нееднаквата дистрибуција на дигиталните ресурси и со и варијациите на нејзината употреба“. Надоврзувајќи се на претходни согледувања, таа го издвојува ставот дека ваквиот вид нееднаквост создава „долгорочни последици што ја прошируваат тековната општествена нееднаквост, но кои исто така создаваат нов вид на јаз меѓу општествените групи“.
Прашањето за општествената нееднаквост и дигиталниот јаз во секоја земја одделно и меѓу земјите е исто така прашање што е поврзано со социјалната димензија што ја имаат новите ИКТ, при што пандемијата на КОВИД-19 ги направи јасно видливи. Пандемијата од КОВИД-19 засекогаш го промени образованието и ги разоткри нееднаквостите меѓу учениците од разни земји; додека 95% од учениците во земји како Швајцарија и Австрија имаат компјутер да ги извршуваат своите училишни работи, во Индонезија само 34% од учениците располагаат со соодветен сметач. Во една статија на Светскиот Економски Форум, се предупредува: „Пандемијата претставува криза за денешните деца – и последиците може да ги следат до крајот на животот“, при што е многу веројатно дека денешните деца и адолесценти, кога ќе станат возрасни луѓе, ќе се гледаат себеси како „изгубена генерација“, зашто „нивните животи засекогаш ги покрила сенката на глобалната пандемија“.
Бидејќи онлајн учењето носи многу придобивки, како што се погодност и флексибилност, кои овозможуваат да учите во време што е прилагодено на личните потреби и речиси секаде каде што има интернет, несомнено е дека од најголема важност е да се реформира образовниот систем на РСМ со цел да се фати чекорот со развиените земји, а во тој процес да се користи нивното искуство.
Пандемијата со КОВИД-19, која во целиот свет наметна забрзано воведување на настава што се изведува од далечина, ја истакна неопходноста од дигитална писменост и го направи видлив дигиталниот јаз во современиот свет, вклучително и кај нас.
Продолжува...
