Индискиот сој на коронавирус откриен во Белгија
Патниците од Индија, Чиле, Аргентина, Бразил, Јужна Африка ќе бидат во задолжителен 10-дневен карантин. Пред патување, патниците мора да ја приложат негативен ПЦР тест не постар од 36 часа, како и доказ за престој или резервација на хотел...

Индискиот сој на коронавирус пристигна во Европа. 20 студенти од вкупно 43 кои пристигнаа од Индија во Белгија како дел од група за постдипломски студии за здравствената заштита се заразени со индиската мутација. Минатата недела, тие слетале во Франција, а потоа со автобус продолжиле за Белгија. Според првичните информации еден студент ги заразил другите за време на автобуското патување. Студентите пред да ја напуштат земјата биле со негативен тест, а дел од нив биле и вакцинирани.
- Ги идентификуваме сите студенти. Тие се под строг надзор во карантин. Не се лишени од слобода, но полицијата, се разбира ја следи состојбата, изјави Кристоф Д’Хејз, градоначалник на Алст, Белгија.
Франција ги засилува контролните при пристигнувања од земјите со највисок ризик. Патниците од Индија, Чиле, Аргентина, Бразил, Јужна Африка ќе бидат во задолжителен 10-дневен карантин. Пред патување, патниците мора да ја приложат негативен ПЦР тест не постар од 36 часа, како и доказ за престој или резервација на хотел.
- Од моментот кога ќе излеземе од авионот, не упатуваат во посебен ред, а потоа не ставаат во изолирана област за чекање. Тука го правиме нашиот антиген тест, чекаме, пред да бидеме ослободени за да си го земеме багажот. Добиваме карантин без оглед на резултатот од тестот, изјави патник од Индија.
На патниците од дестинации за кои следува карантин, агент на граничната полиција им дава потпишана наредба за карантин. Со тоа патниците добиваат десет дена изолација на адресата што ја пријавиле, изјави Луис Климент Крајмпс, шеф на цивилната заштита на аеродромот Шарл Де Гол.
Варијантата на индискиот сој на коронавирус веќе се појавила во САД, Австралија, Израел и Сингапур. Во Индија во моментов поради се поголемиот број на новозаразени, дел од болниците се без персонал и без снабдување со кислород.
Покрај високите бројки на новозаразени и починати од Ковид-19 во светот, спората распределба на вакцини и здравствени системи пред колапс, охрабрува изјавата на филантропот и основач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс. Човекот за кој се врзуваат безброј теории на заговор вели дека светот не беше подготвен за пандемијата ни приближно колку што требаше, но вакцината ќе им помогне на луѓето да се вратат во нормала и на оваа пандемија ќе и дојде крајот.
Маријана Димовска
