Велес

После 10 години башиноселци за прв пат задоволни од откупната цена на младиот кромид

23.04.2021 14:04

Штом влезете во селото, мириса на овој зеленчук. Цели фамилии работата на него, го корнат, чистат, перат, пакуваат, тоа е фамилијарен бизнис...

Башиноселци, најголемите одгледувачи на млад кромид во Македонија, годинава се задоволни од откупната цена. После десетина години, оваа, за прв пат се пофалија дека раноградинарскиот зеленчук, и кромид и лук се на цена. Производителите на одгледување работеа девет месеци и време е да го наплатат нивниот труд. Откако започна откупот, цената е 300 денари за врзоп, што одамна се нема случено.

Годинава за прв пат, после 15-тина, немаше организиран откуп на младиот кромид за пазарот за Хрватска. Дали причината е што католичкиот Велигден годинава беше рано, на 1-ви април, но во март месец ниту еден камион не дојде и не замина, со зеленчукот за пазарите во Загреб. Но и покрај тоа, годинава тој има цена. Причината е што поради ниската цена претходните години, повеќето одгледувачи оваа засеале далеку помали површини.

Башино село има околу 250 куќи со илјада жители и секој дом, без исклучок одгледува млад кромид. Разбирливо е штом влезете во селото, мириса на овој зеленчук. Цели фамилии работата на него, го корнат, чистат, перат, пакуваат, тоа е фамилијарен бизнис.

 

Петар Печков