Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ се вакцинираа пратениците
Од идната недела ќе се издаваат и потврди, со код и податоци на вакцинираните лица со која граѓаните ќе може да патуваат во Грција и земјите од регионот. За влез кај соседот, освен со оваа потврда ќе може да се патува и со негативен ПЦР тест, рече министерот за здравство Венко Филипче...

Наместо во собраниска сала, народните избраници кворум обезбедуваат на пунктот за имунизација. Добија термини за руската вакцина Спутник. Првиот меѓу еднаквите, спикерот Џафери, рече сите ги пријавил, откако колегите од администрацијата ги примиле првите дози.
Парламентарните групи што фигурираат во Собранието се запазија и во салата Борис Трајковски. Пратениците од мнозинството добија термини претпладне, додека оние од опозицијата во попладневните часови.
Штом им ветиле, а што добиле и вакцините се искористија за дебата, надвор од собраниската говорница. Наместо Фајзер, добиле Спутник.
Медицинскиот персонал што ја изврши вакцинацијата, оцени, се поминало во најдобар ред, без проблеми, а пратениците не пројавиле непосредни несакани ефекти.
Пратениците што ја испуштиле можноста, ќе се вакцинираат во прва прилика.
Со народните избраници паралелно тече процесот на вакцинација и на возрасните граѓани. Има доволно вакцини, вели министерот Филипче кој најави нови дози во претстојните денови и подготовка на капацитетите за старт на масовната имунизација во внатрешноста на земјата по велигденските празници.
Министерот рече дека ќе стартува кампања за подигање на свеста кај граѓаните за имунизација. Од идната недела ќе се издаваат и потврди, со код и податоци на вакцинираните лица со која граѓаните ќе може да патуваат во Грција и земјите од регионот. За влез кај соседот, освен со оваа потврда ќе може да се патува и со негативен ПЦР – тест.
Анита Димитријевска Велковска
