Евроинтеграции

Вицепремиерот Димитров во посета на Литванија

23.04.2021 16:10

Изгледите за почеток на пристапните преговори со ЕУ, биле главна тема на посетата на вицепремиерот за европски прашања Димитров во Вилнус. Литванија потврдила дека останува активен поддржувач на евроинтеграцијата на земјата...

Европската унија е на тест со евроинтеграцијата на земјава. Не може почнувањето на преговори со ЕУ да се условува со работи што не се предмет на преговори како македонскиот јазик, изјави вицепремиерот Димитров по средбите со литванските власти во Вилнус. Истакна дека ќе продолжи да им укажува на властите во Бугарија зошто евроинтеграцијата на земјава во ЕУ е добра и за нашиот источен сосед, за унијата и за безбедноста и стабилноста на регионот.

„Ако ја разгледаме иднината стратешки, можеме да не дозволиме нашите спротивставености да бидат пречка. Европски начин е да ги оставите настрана недоразбирањата и да најдете решение на пријателски начин. Некои прашања со Бугарија не се во линија со европската политика. Ако се стремиме кон ЕУ како семејство на вредности, каде се негуваат јазиците, тогаш не треба да имаме предизвик од нашиот сосед за македонскиот јазик. Нема да се смирам додека не ги убедам бугарските пријатели дека почеток на преговорите е во интерес на Северна Македонија, на Бугарија, на нашето пријателство и добрососедски односи и на Еу“, изјави Никола Димитров, вицепремиер за европски прашања.

Литванија ќе продолжи активно да ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија.

„Литванија го изоди патот кон целосна интеграција, доби различна поддршка од различни земји за спроведување на неопходните реформи кои се дел од помошта и поддршката на вашиот пат кон членството во ЕУ. Ние разбираме дека вие сте една од оние држави што ги доживуваат културните разлики затоа што сте срцето на една цивилизација и знаеме дека ви треба многуслојна поддршка. Се надевам дека и нашата поддршка ќе биде од помош. Ќе бидеме многу среќни кога ќе ве видиме како членка на ЕУ“, изјави Габриелиус Ландсбергис, министер за надворешни работи на Литванија.

Посетата на Димитров на земјите членки на ЕУ кои поддржуваат евроинтеграции, е со цел да се акцентира важноста за неодложен почеток на преговорите за време на португалското претседателство во првата половина од годинава.

 

Ирина Гелевска