По компликации од Ковид-19 почина проф. д-р Васил Јотевски
Во текот на неговата научно-истражувачка кариера тој бил еден од ретките познавачи на историските процеси во Пиринскиот дел на Македонија и постојано учествувал во афирмацијата на барањата за основни човекови права на Македонците во Бугарија...

Д-р Јотевски е роден во 1944 година во селото Горно Котори, Леринска околија, во Егејскиот дел на Македонија. Во 1950те години со своето семејство пристигнал во Народна Република Македонија.
Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, група Историја. Магистрирал и докторирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Работел во Институтот за национална историја се до неговото пензионирање. Во текот на неговата научно-истражувачка кариера тој бил еден од ретките познавачи на историските процеси во Пиринскиот дел на Македонија и постојано учествувал во афирмацијата на барањата за основни човекови права на Македонците во Бугарија.
Во македонската историографија засекогаш ќе има свое место преку неговите најзначајни трудови: „Македонците во Пиринскиот дел на Македонија“, „Националната афирмација на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија“ и „ Никола Парапунов - живот и дело“.
