Индија со нов дневен рекорд на заболени
Индија со нов дневен рекорд на заболени од Kовид-19. Виетнам отвора теренски болници. САД ја враќаат во употреба вакцината на „Џонсон и Џонсон“. Канадскиот премиер Трудо прими доза од „Астра Зенека“. СЗО објави извештај за напредокот, но и предизивиците во борбата со новиот коронавирус...

Имунизацијата и рестриктивните мерки и натаму не ги даваат посакуваните резултати во битката против пандемијата со Ковид-19. Бројот на заразени со новиот коронавирус и натаму се зголемува, здравствените системи во многу земји се пред колапс. Меѓу нив е и Индија каде што се регистрирани рекордни 300 илјади новозаболени во едно деноноќие.
„Чекам од 10 часот. Ниедна болница не го прима. Досега се обидовме во четири, но само ме препраќаат.“
„Немаме кислород, немаме кревети, ништо немаме. Дури и да имавме кревети, немаме доволно кислород и респиратори“, вели доктор Митали Агравал, Њу Делхи.
Во Виетнам се отвораат теренски болници. Дел од нив ќе се користат и како карантински центри за оние што доаѓаат од Камбоџа.
„Се обидуваме да поставиме ваква болница најбрзо што можеме. Очекуваме зголемување на бројот на Виетнамци кои се враќаат од Камбоџа. Ќе ги мобилизираме сите сили кои ни се на располагање.“
По подолга пауза, во САД продолжува да се користи вакцината на „Џонсон и Џонсон“, но со предупредување за зголемен ризик од создавање на тромб кај возрасните жени до 50 години. Центарот за контрола на болести препорачува дека сега можат да се вакцинираат и бремените жени. Европската агенција за лекови соопшти дека придобивките од вакцините „Астра Зенека“ се побројни од ризиците. Со неа се вакцинираше и канадскиот премиер Џастин Трудо откако возрасната граница беше намалена на 40 години.
Во меѓувреме, СЗО објави извештај за напредокот во борбата против новиот вирус кој добива се повеќе мутации. Во него се споменати и историската соработка меѓу здравствените организации, владите, фондациите, граѓанското општество, научниците и приватниот сектор. Документот познат како „Дејствувај сега, дејствувајте заедно 2020-2021“ ги посочува и идните предизвици, како што се финансиите и инвестициите.
Од Ковид-19 досега починале над три милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
