Наскоро ќе продолжи уривањето на дивоградбите во Охрид
Наскоро ќе продолжи уривањето на дивоградбите долж Охридското крајбрежје. Со фирмата изведувач е веќе потпишан договор и се очекува да продолжи процесот на отстранување на бесправно изградените објекти по што плажите ќе се уредат и ќе се вратат во првобитна состојба. Проблемот останува со дивоградбите во старото градско јадро, бидеќи иако општината поднела кривични пријави против лицата кои што го прекршиле законот, нема надлежност за отстранување на изграденото. По тие предмети треба да постапат Министерството за транспорт и врски и државниот градежен инспекторат.
Тендерската постапка е успешно завршена, потпишан е договор со фирмата изведувач и наскоро ќе продолжи уривањето на бесправно изградените објекти долж охридското крајбрежје, што впрочем беше една од главните препораки на УНЕСКО. Ова за МРТ го изјави охридскиот градоначалник Константин Георгиевски при што посочи дека општината може успешно да се справи со овој повеќедецениски проблем само доколку има поширок институционален пристап и подршка од сите надлежни институции.
„Ќе се отстрануваат објектите кои што се на парцела 1-1 на Охридското Езеро, кои што порано биле објекти на плажите и согласно планот за управување со УНЕСКО. Повеќе такви објекти од траен или времен карактер не се дозволени и се со истечени концесиски договори, ќе се пристапи кон отстранување и воедно кон уредување на плажите“, изјави охридскиот градоначалник, Константин Георгиевски.
Општинските власти ги отфрлаат обвинувањата на жителите на крајезерската населба Пештани дека во Автокампот „Градиште“ се градат некои поголеми нелегални објекти.
„Некакви пријави кои што се стигнати до општинскиот градежен инспекторат тие се процесуираат, излегуваат инспекторите на лице место, прават записници. Не сум запознаен за некои големи градби дека таму се случувале, има спорадични појави на одредени настрешници и такви објекти“, вели Георгиевски.
Што се однесува до бесправно изградените објекти во старото градско јадро охридскиот градоначалник вели дека за сите што биле затекнати при такви активности се поднесени соодветни пријави бидеќи се работи за кривично дело. Но дека општината нема ингеренции да ги отстранува затоа што тоа е во надлежност на министерството за транспорт и врски и државниот градежен инспекторат.
Сашо Нелоски
