Системот за наводнување во тетовско запуштен со децении
Земјоделците од тетовско мака мачат за да ги наводнат своите ниви, иако шарските реки и притоки им се на дофат. Систем за наводнување има, но голем дел од него не е во функција, затоа што со децении бил запуштен. АД Водостопанство, претпријатието кое неодамна се формира започна активности за расчистување на каналите, но наиде на стара и дотраена инфраструктура. Потребно е време целата каналска мрежа да биде ставена во фунцкија...

Тиња, разновиден отпад, искршени и запуштени канали. Во ваква состојба веќе две децении е системот за наводнување во Тетово, период кога и оваа инфраструктура немала стопан. По формирањето на новото претпријатие АД Водостопанство, годинава започнати се посериозни активности за чистење на каналите и отворање на бразди.
Земјоделците велат дека бадијала ги чистат каналите кога во нив не протекува вода. Голем дел од коритата на реките и притоките се искршени, па водата наместо да заврши во каналите се излева на друго место, па така селаните остануваат без капка вода.
Од АД Водостопанство потврдуваат дека системот за наводнување се наоѓа во многу лоша состојба. Потребно е време за каналите кои биле оставени на забот на времето, да се обноват и да бидат функционални.
Во тетовско има 200 километарски земјен и бетонски систем за наводнување, но голем дел од него не е во функција.
Зоран Димовски
