Имунизација

По втората доза, ефикасноста на вакцината од Ковид-19 е 90%

24.04.2021 13:24

Сите ќе се инфицираме со Ковид-19, едните со вакцина и со контролирана количина на вирусот, другите од заразени и со неконтролиран внес од непријателот. Ова го вели биоинженерот Горан Кунгуловски, кој за МТВ објаснува која е разликата ако вакциниран пациент дојде во допир со вирусот, а која со невакциниран. И неговиот колега, Ненад Сврзикапа, докторантот на Оксфорд, од другата страна на светот со статистики за бенефитот од течноста во која се вложуваат сите надежи да го спаси човештвото.

Убод во раката за долго здравје. Вака велешката медицинска сестра на интерното одделение, Марија Наумова гледала на можноста за примање на првата доза со вакцината на Фајзер-Бионтек на 23-ти февруари. Максимално внимателна за три недели ја дочекала и втората доза. Но, за неколку дена по втората вакцина качила температура, а ПЦР тестот покажал дека е позитивна на вирусот. Марија се сеќава на ризичен момент кога ниту маската на лице не помогнала и за кој е речиси сигурна дека се случила инфекцијата.

„Пациентката беше примена на интерно одделение, но дијагнозата и беше срцева слабост. Јас појдов да и аплицирам парентерална терапија. На пациентката и беше тешко, ја гушеше и таа издиша во мене, се искашла во мене. Иако бев со маска, сепак, 99% мислам дека заразата ми е од тој момент“, вели Марија Наумова-медицинска сестра од Велес.

Болеста ја поминува со средно- тешка клиничка слика, покриена со антибиотска и витаминска терапија. Длабоко е уверена дека вакцината ѝ помогнала вирусот да го преживее со минимални последици.

Случајот на Марија не е изненадувачки за медицината. Биоинженерот, доктор Горан Кунгуловски, вели дека математиката е јасна, ќе се заразиме сите, изборот е дали тоа ќе биде со вакцина и контролирана количина на вирусот, или пак преку заболено лице и со ризик да го примиме Ковид-19 во неконтролирана количина.

Кунгуловски објаснува која е разликата ако вакцинирано лице дојде во контакт со вирусот.

„Се намалува веројатноста да тропне на клетката, бидејќи вашиот имун систем не треба да го тренирате две недели, туку однапред ви е трениран имуниот систем за да не му дозволи на вирусот да влезе во клетките. Токму тоа е поентата на вакцините, вие не му дозволувате и да бидете во контакт со заразен, нема да му дозволите на вирусот да влезе. Бенефитот, придобивките од вакцините се двострани, го намалуваат пренесувањето на самиот вирус и плус тоа ви помага на вас за многу полесно да се справите со вирусот доколку стапите во контакт со него“- вели д-р Кунгуловски.

Ако првично се сметаше дека заразата се случува капково, преку кивавица или плунка, поновите истражувања покажаа дека 50% од инфекциите се случуваат и преку ситните аеросоли во воздухот.

„Доколку стапите во контакт, подолго време престојувате во невентилирана просторија самиот вирус преку тие капки влегува преку горниот респираторен тракт, преку устата и преку носот генерално. Буквално тој спајк протеин врз кои се дизајнирани најголем број од вакцините, буквално се сврзува за еден рецептор во клетките, АЦ2 рецептор, и буквално тоа е како да тропа на некоја врата и клетката ја отвора таа врата и го прима вирусот да влезе внатре. Откако ќе влезе во клетката, вирусите и така функционираат, ги користат сите апарати на клетката за да добијат повеќе копии од себеси“, додава д-р Кунгуловски.

Тезите на Кунгуловски се читаат и од резултатите на истражувањата на светско ниво. Според најновото истражување во САД, 0,007% од потполно вакцинирани луѓе или околу 6 илјади од 75 милиони се инфицирале откако ги примиле двете дози на вакцината. Од нив 29% немале никакви симптоми, 7% биле хоспитализирани, а 1% од нив починале.

Магистер Ненад Сврзикапа, докторант на Оксфорд на одделот педијатрија ги пресликува овие бројки кај нас.

„Ако го земеме ова истражување в предвид кај нас, ако вакцинираме 1 милион и 200 илјади жители, би очекувале само 84 од нив да се инфицираат. Доста е слично во Израел, во Англија и во САД, дека после првата примена доза на вакцината добивате помеѓу 72 и 80%, а кога ќе ја примите втората доза, ефективноста на вакцината оди некаде околу 90%, да речеме на средна вредност. Треба да се земе предвид дека две од овие студии се кај здравствени работници кои се изложени, сепак, многу повеќе на Ковид отколку обичните луѓе“, вели м-р ненад сврзикапа, докторски студент на Оксфорд, оддел на педијатрија.

Сврзикапа потенцира дека е важно да се знае оти околу пет месеци по инфицирањето со Коронавирус, имунитетот почнува да се намалува а со тоа и способноста на антителата да го неутрализираат вирусот.

Меѓународните здравствени организации веќе охрабруваат луѓе кои се вакцинирале да посетат други вакцинирани луѓе, да бидат ослободени од секакви карантини и да се вратат на нормалниот живот без маски.

 

Катерина Топалова