Виена нема разбирање за блокадата на Бугарија
Со оглед на природата на Македонско- бугарскиот спор и фактот дека во Софија по изборите во тек се консултации за формирање влада, шефот на австриската дипломатија во интервју за МИА рече дека е охрабрен од фактот што партиите со нагласена националистичка агенда не беа наградени од страна на бугарските гласачи.
Виена нема разбирање за блокадата на Бугарија за отворањето на пристапните преговори со ЕУ. Со оглед на природата на Македонско- бугарскиот спор и фактот дека во Софија по изборите во тек се консултации за формирање влада, шефот на австриската дипломатија во интервју за МИА рече дека е охрабрен од фактот што партиите со нагласена националистичка агенда не беа наградени од страна на бугарските гласачи.
„Јас бев длабоко разочаран од неможноста да се почнат пристапните преговори со Северна Македонија. Билатералните и историските прашања треба да бидат одвоени од овој процес. Ќе видиме како и кога ќе може да се формира нова влада во Бугарија. Кога и да се случи, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ што е можно побрзо“, вели шефот на австриската дипломатија, Шаленберг.
Европските преставници на неколку пати посочија дека бугарското вето го доведе во прашање кредибилитетот на Унијата и растечкиот евроскептицизам во земјата, од тие причини официјална Виена минатата недела при посетата на вицепремиерот Димитров се понудила за неутрална локација- за продолжување на преговорите Скопје и Софија со цел одржување на динамиката на реформската ЕУ агенда.
„Важно е да се најде решение на билатерално ниво помеѓу Бугарија и Северна Македонија без да се воведуваат овие прашања во процесот на проширување. Бугарија и Северна Македонија треба да просудат дали е потребно посредништво од трета страна. Доколку дојдат до таков заклучок, Австрија е секогаш подготвена да ги понуди своите капацитети“, нагласува Шеленберг.
Во однос на нон-пејперот, Шаленберг оценува дека со оглед на тоа што неговото авторство е сѐ уште нејасно, нема причина за коментар, но нагласи дека Австрија има цврст став околу тоа: територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина не е предмет на разговори.
Марина Стојанова- Тонева
