Ковид-19

Пандемијата предизвикува психолошки проблеми

24.04.2021 15:27

Психолошката служба од општата болница во Куманово, почнува со кампања за бесплатна психосоцијална помош и поддршка за заболените ковид пациенти. Ова следи, откако податоците укажале присуство на психоемоционални проблеми кај овие лица. Дека вирусот, но и изолацијата предизвикуваат страв, потврдуваат и кумановци.

Тешките коронавирусни инфекции, но и изолацијата можат да предизвикаат долгорочни психоемоционални проблеми, како анксиозност, депресија, несоница. За таа цел, надлежните од кумановската болница покренуваат бесплатна психолошка помош за пациентите, кои се активни или биле заболени од ковид 19. Велат, податоците покажуваат дека меѓу постковид симптомите, се почести се и психичките пореметувања. Заинтересираните граѓани ќе можат да се пријават, а со нив ќе работи психијатриската и психолошката служба при општата болница.

„Фактите укажуваат дека токму паничните напади и анксиозноста, вклучувајќи страв, несигурност се дел и на тој начин не можат да функционираат и да се вратат во нормален животен тек. Страв од смрт за себе, за блиски членови од семејството. Продолжуваа онаа тензичност за дишење, неможност за воздух и ред други симптоми“, вели м-р Биљана Ивановска, психолог Општа болница Куманово.

Кумановци се согласуваат дека вирусот, состојбата предизвика страв кај нив.

„Нормално е секој човек се плаши од пандемијата, бидејќи повеќе од една година трае, никако да се смири. Бројките се особено големи во нашиот град. За среќа во потесниот круг немаше позитивни, меѓутоа многу луѓе што ги познавам во градот, за жал некои заминаа засекогаш“, вели еден кумановец.

„Да стравувам од коронавирусот, да придржувам до мерките, немаше никој позитивен бидејќи внимаваме“, вели друг.

„Масовно народот умири, како не стравувам, ова не знам до каде ќе оди. Многу опасна болес“, нагласува трет.

За да се избегнат психоемоционалните проблеми, предизвикани од пандемијата, стручните лица препорачуваат здрави животни навики, но и одржување социјални контакти, во што можат да придонесат социјалните мрежи.  

 

Елена Георгиевска