Македонија

Протест пред Влада и Собрание за демократија во Македонија и слобода на уставобранителите

25.04.2021 13:26

Македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија денеска организираа протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го поддржа протестот, за СДСМ тоа е поддршка за насилствата од 27-ми април...

По повод годишнината од настаните во Собранието на 27-ми април 2017-та година, македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија денеска организираа мирен народен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“.

Под засилено полициско обезбедување протестот почна пред Владата, а заврши пред законодавниот дом. Повеќе опозициски партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа протестот .

„Даваме поддршка и бараме ослободување на уставобранителите, тие не се нуту можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја“, стои во објавата на социјалните мрежи на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски кој со раководството на патијата се дел од протестот.

Од СДСМ обвинија дека денеска ВМРО-ДПМНЕ се враќа на местото на злосторот. Предводена од Христијан Мицкоски, партијата повторно протестира за одбрана на насилството, велат од СДСМ.

Организаторите апелираа до сите учесници во протестот да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, да носат маски, одржуваат пропишано растојание, како и да се почитуваат неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите.

Организаторите однапред се оградија од навредливи скандирања и носење транспаренти на етничка и верска основа.