КРУШЕВО

Десет години Спомен- куќа „Тодор Проески“

25.04.2021 14:03

На денешен ден, пред 10 години е отворена спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево. Музејот е меѓународно наградено уникатно архитектонско дело, но и најпосетуваниот музеј на овие простори со преку 700.000 посетители. Годишнината се одбележува скромно, поради пандемијата, но ништо не ги спречува посетителите да ги побараат музиката, љубовта и вербата на Тоше преку приказната на 350-те експонати...

На преку 700.000 посетители, Спомен-куќата на Тоше на Гумење, со 350 експонати, 10 години им ја раскажува приказната за незаборавната музичка ѕвезда, за хуманиот човек со големо срце, за неизмерниот талент. За човекот кој го освои Балканот, но и повеќе, со музиката, љубовта и со вербата.

Спомен- куќата беше и е место на бројни промоции, работилници, на хуманитарни и крводарителски акции, средиште на емотивни графити, на неговите песни. Поради пандемијата, одбележувањето на годишнината е скромно.

Спомен-куќата, на Тоше е меѓународно признато уникатно архитектонско дело. Останува најпосетениот музеј на овие простори. Само лани, во пандемиската година, дошле преку 15.000 посетители, да ја најдат вербата што ја имаше Тоше.

 

Елизабета Митреска