Украина потпишува договор за приклучување кон ЕУ

21.03.2014 11:38

ЕУ го поделила договорот во два дела - политички и економски, со цел да и овозможи на преодната влада веднаш да го потпише првиот дел...

На маргините од самитот на лидерите на Европската унија , предвидено е Украина да потпише договор за приклучување кон ЕУ, стои во најавата од Брисел.

„Со потпишувањето на политичкиот дел од договорот за асоцијација со премиерот на Украина ќе го „запечатиме" цврстото пријателство кое ја приближува Украина кон Европската Унија", изјави вчера претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, по истекот на првиот ден од самитот.

Политичкиот дел од договорот ќе го потпишат челниците на сите земји членки во ЕУ и украинскиот премиер Арсениј Јачењук.

ЕУ го поделила договорот во два дела - политички и економски, со цел да и овозможи на преодната влада веднаш да го потпише првиот дел.

Економскиот дел од договорот ќе биде потпишан по претседателските избори и формирањето на новата влада во мај.

Лани одлуката на поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, да не го потпише овој договор доведе до повеќемесечни демонстрации, а на крајот и до промена на режимот во Украина.