Ковид-19

Пациентите со полесна клиничка слика да се лекуваат дома, бараат од струмичката болница

25.04.2021 14:42

Пациентите, позитивни на Ковид- 19 со полесна клиничка слика да се лекуваат дома и под контрола на матичните лекари, бараат од струмичката болница. Велат дека се создава голема гужва, а не сите пациенти се за во болница...

Матичните лекари да ги лекуват пациентите со полесна клиничка слика од Ковид- 19 во ординациите, да не ги препраќаат веднаш во болница, само доколку се влоши состојбата да издадат упат за специјалист, апелираат од раководството на ЈЗУ Општа болница Струмица. Причините за истите се врз основа на фактот дека во болницата се создаваат гужви кои придонесуваат за поголеми ризици од ширење на болеста.

За пациент на домашно лекување, матичниот лекар постапува по претходно утврден и усвоен протокол на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Согласно протоколот, матичниот лекар има обврска да го контактира пациентот два пати во текот на денот, да го известува системот Мој Термин, кој потоа во форма на електронскиот извештај го испраќа во Министерството за здравство и до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Од болничкото раководство информираат дека во Струмица засега нема ниту еден заинтересиран матичен лекар кој ќе им помага на колегите во болницата.

Министерството за здравство вклучи близу 1.200 матични лекари во системот на детекција и следење на пациентите со коронавирус.

 

Стојне Митева