„Слобода за уставобранителите“

Протест за ослободување на осудените за 27-ми април

25.04.2021 16:27

Не се терористи и не треба да бидат осудени, туку да има ново судење за да бидат ослободени. Ова се барањата од денешниот протест под мотото „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“, во организација на македонската дијаспора. И ВМРО-ДПМНЕ и поголемиот дел од опозицијата со поддршка за протестот што се одржа пред Владата и Собранието...

За влезот во Собранието во 2017-та година, судскиот совет пресуди околу 220 години затворска казна за обвинетите во овој случај. Единствен ослободен од вина беше оперскиот пеач Игор Дурловски со чија изведба на македонска химна почна денешниот семакедонски протест.

Безусловно ослободување за обвинетите од 27-ми април е пораката на организаторите на маршот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“. Според нив, обвиненијата за тероризам на затворените се политички монтирани, затоа бараат Врховен суд да го поништи старото и да има ново судење без лажни сведоци.

Актерката Арна Шијак во името на организаторите побара предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври годинава.

Под засилено полициско обезбедување и со почитување на мерките за заштита од пандемијата неколку илјади учесници на протестот, од пред Владата се упатија кон Собранието.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ беше присутно на протестот, како и поголемиот дел од опозициските партии. Побараа да не се премолчува неправдата, да нема веќе импровизации, да не се казнува со затвор поради барањата за правда.

Поддршка и порака за обединување упати и македонската дијаспора чии претставници беа дел од организацијата на протестот.

Марина Стојанова Тонева