Се намалува бројот на прегледи во Куманово
Бројките на прегледи, но и хоспитализирани и позитивни на Ковид-19 во Куманово, последниве денови се намалуваат. Но, надлежните укажуваат дека простор за опуштање нема, бидејќи дневната амбуланта сè уште ја посетуваат околу 100 лица. Речиси толку се хоспитализирани и во трите ковид оддели. Охрабрувачки ќе биде кога ќе се затвори еден ковид оддел, велат од оваа здравствена установа...

Се намалува бројот на прегледи, но и хоспитализирани во кумановската болница. Од оваа здравствена установа оценуваат дека иако епидемиолошката состојба последнава недела е нешто подобра, сепак нема простор за опуштање. Во трите Ковид оддели во Куманово во моментов се сместени 93 пациенти, а 97 лица ја посетуваат дневната амбуланта. Зголемен е и бројот на оздравени пациенти, но од болницата велат охрабрувачки ќе биде кога ќе се затвори еден Ковид оддел.
- Минатата недела имавме помал број на прегледи во инфективната амбуланта. Ако предминатата имавме над 828, сега има околу 670 прегледи, тоа што самиот пад на бројот на прегледи сметам дека ќе донесе и помал број на хоспитализации. Пак ќе апелирам не смееме да се опуштаме, сите сме социјални битија, сакаме да се дружиме, да излеземе во природа, меѓутоа намалување на бројот на заболени, не значи дека пандемијата завршила, истакна директорката на кумановската болница, Снежана Захариева.
Од кумановската болница потенцираат дека основните мерки мора да продолжат да се почитуваат, за да се заштитиме себе си, но и своите блиски.
Вработените во јавните претпријатија „Чистота и зеленило“ и „Водовод“, како и затворот Кшање помагаат при носењето боци со кислород во кумановската болница. Надлежните информираат дека помошта е значајна бидејќи нивните вработени требаше да работат и трета смена.
Бројот на активни случаи во Куманово е околу 1.200. Инаку кумановската општа болница денес доби донација од прекривки од членовите на Здружението на пензионери.
Елена Георгиевска
