Собрание

Опозицијата бара одговорност од Спасовски

26.04.2021 15:47

Во Собранието расправа по интерпелацијата за министерот за внатрешни работи. Спасовски тврди- постапивме правилно, имавме успешна акција за случајот Мијалков. Алијанса и Алтернатива наведуваат скандали за неговото работење, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата...

„Интерпелацијата е чудна, бидејќи се однесува на успешната акција за апсење на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков“ – оцени министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Според него, оваа интерпелација претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата, бидејќи токму изминатиов период можат да се издвојат низа успешни акции на полициските сили.

Интерпелацијата ја поднесоа Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои сметаат дека тоа што Мијалков е сега во притвор не е пречка да се расправа за одговорност. Оттаму велат дека има уште многу други скандали.

Листата на говорници за интерпелацијата е без пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески објасни дека нивни пратеници нема да имаат обраќања бидејќи според нив интерпелацијата е беспредметна.

Пратениците од опозициската ВМРО – ДПМНЕ ја напуштија собраниска седница. Тие соопштија дека нема да присуствуваат, а најавија и интерпелација за спикерот Талат Џафери, бидејќи тој не ја прифатил нивната листа на говорници. Џафери, пак, објасни дека задоцниле со доставувањето.

Освен за Спасовски, досега во Собранието беа поднесени интерпелации за министрите Маричиќ и за Николовски, како и за вицепремиерот Димитров.

 

 

Марина Стојанова- Тонева