Ковид-19

Предлог за олабавување на мерките, за Велигден и Бајрам слободно движење

26.04.2021 16:22

Од 28-ми април полицискиот час да почнува од 21 и да трае до пет часот изутрината. За Велигден и за Рамазан Бајрам да нема ограничувања на движењата, предлага Комисијата за заразни болести. Угостителите да служат гости само на летните тераси и во градините. Владата ќе решава за новите рестриктивни мерки. Бројките на заразени и хоспитализирани се намалени. Пристигнуваат и новите дози вакцини...

За верските празниците Велигден и Бајрам да нема полициски час – предложи Комисијата за заразни болести. Во останатите денови ограничувањето на движењето да почнува во 21 часот, а угостителските објекти да можат да ги отворат само летните тераси. Кризниот штаб ја донесе одлуката, која треба да биде потврдена на владина седница.

„Мислам дека тие два дена нема да сменат ништо. Никогаш не може да имаме толку контрола колку што треба граѓаните да бидат одговорни. Во разговор со лидерите на верските заедници, тие презедоа одговорност да не се дозволат масовни собири и одбележувањето на празникот да биде во согласност со епидемиолошките мерки“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Олабавувањето на мерките е поради намалениот бројот на новозаболени и на хоспитализирани во изминатиов период. Би биле на сила до завршување на празниците, потоа повторно ќе се прави анализа- велат здравствените власти. Упатија апел, верските празници да се чествуваат со почитување на мерките за заштита.

„Ослободувањата не се направени за да се собираме, туку ослободувањата се направени за да почувствуваме дека сме слободни во овие свети верски празници кои ни престојуваат во следните денови. Затоа апелирам уште еднаш во текот на овие празници сите да ги почитуваме мерките да нема собирање, да се одржува дистанца, хигиена“, рече заменик министерот за здравство, Илир Хасани.

Со 20 илјади дози „Спутник“ во спортската арена „Борис Трајковски“ се одвива ревакцинација на граѓаните. Добивме уште 10 илјади преку директните преговори со „Фајзер“, а на крајот на месецов преку Истанбул и Белград треба да пристигнат 200 илјади кинески вакцини од „Синофарм“.

 

Андријана Атанасовска