Слави Трифонов го враќа мандатот за формирање влада во Бугарија
Бугарските медиуми информираат дека сепак Трифонов за кандидат за премиер на неговата партија ја именува светската шампионка во шах Антоанета Стефанова, која пак ќе има задача веднаш да го врати мандатот. Со овој потег, велат добрите познавачи на актуелните состојби, лидерот на „Има таков народ“ се заложи за предвремени избори, затоа што Уставот го дозволува тоа.

Две недели по бугарските парламнтарни избори, сè уште е неизвесно дали според уставните процедури, Бугарите на крајот ќе добијат нова влада. Медиумите ова прашање го поставија откако шоуменот и лидер на втората по ред политичка сила во земјата, Слави Трифонов- „Има таков народ“, објави дека и тој ќе го врати мандатот, затоа што го нема потребниот број пратеници да формира стабилно мнозинство.
Тој на социјалните мрежи објави дека „понудената поддршка е од политички субјекти кои се штетни, алчни и докажано компромитирани. И ова не е нивна поддршка, туку зависност“.
Бугарските медиуми информираат дека сепак Трифонов за кандидат за премиер на неговата партија ја именува светската шампионка во шах Антоанета Стефанова, која пак ќе има задача веднаш да го врати мандатот. Со овој потег, велат добрите познавачи на актуелните состојби, лидерот на „Има таков народ“ се заложи за предвремени избори, затоа што Уставот го дозволува тоа.
Инаку партијата ГЕРБ на актуелниот премиер Борисов, не успеа на изборите да добие чист мандат, а во обидот да коалицира со другите партии, не ја добија поддршката, и први му го вратија мандатот на Радев.
Според уставната процедура на бугарскиот претседател не му преостанува ништо друго, освен мандатот да го понуди на останатите помали политички групи.
„На Бугарија ѝ е потребна стабилна влада назначена од бугарскиот парламент врз основа на споделени принципи и приоритети, затоа што само легитимна влада, на која ѝ верува јавноста, може да ја изнесе Бугарија од кризата“, рече претседателот Румен Радев.
Доколку и тие не успеат, тогаш претседателот Радев ќе мора да назначи привремена влада, да го распушти Националното собрание и да закаже нови парламентарни избори.
Мирјана Василева
