Собранието не ја прифати интерпелацијата за Спасовски
Со 11 гласови „за“ и 60 „против“, Собранието не ја прифати интерпелација за работата на првиот полицаец, Оливер Спасовски. Ја поднесоа пратениците на Алијанса и Алтернатива по бегството на Мијалков. За СДСМ, интерпелацијата стана беспредметна, затоа што екс-шефот на УБК е веќе го притвор. Опозиционерите одговорија – да, Мијалков е во притвор, но има стотици други скандали. ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата, затоа што нивните пратеници не се најдоа на листата за говорници. Џафери вели, доцна ја доставиле...

Собранието попладнево не ја прифати иницијативата за отповикување од функцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. „За“ интерпелацијата гласаа 11 пратеници, 60 гласаа „против“, а немаше воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во дебатата и не гласаа.
Министерот Спасовски во завршните зборови пред гласањето истакна дека расправата за неговата интерпелација ја смета како висок чин на демократијата.
„Кога ќе одлучувате за интерпелацијата да одлучувате по ваша совест врз основа на она што сме го сработиле, на фактите коишто ги презентирав пред сите вас и ако сметате дека тоа не е доволно ве молам да ја поддржите интерпелацијата на Алијанса да ме ослободите од позицијата министер, а доколку не сметате според вашата совет дека ова е исправно тогаш само ќе ви ветам дека и од утре натаму ќе продолжиме уште посилно, уште попосветено да работиме заеднички во интерес, а ве повикувам и вас почитувани пратеници на опозицијата приклучете се заедно да направиме нешто добро за нашата Македонија“, нагласи Спасовски во обраќањето.
За да бидете одговорни во политиката, порача, треба да бидете овде, да дебатирате и да ги кажувате аргументирано своите ставови. Тоа, како што рече, не се случи со ВМРО-ДПМНЕ и мене не ме изненадува.
Според него, од оваа дебата можеме да извлечеме многу поуки како да продолжиме подобро во наредниот период, што е тоа што треба заеднички да го преземаме и да видиме каде имаме пропусти во системот.
