Охрид не очекува масовна посета за празниците
Најавите говорат дека за Велигден и Први мај бројот на гостите нема да биде голем. Можеби дел од помалите хотелски објекти и некои од апартманите ќе се исполнат, меѓутоа, тешко дека ќе дојде до рапидно зголемување на вкупниот промет во споредба со лани. Ќе има туристи, но ниту приближно како во годините пред пандемијата, велат експертите и повеќето од хотелиерите.

Хотелиерите веќе ги привршуваат подготовките за дочек на туристите кои Велигден и 1 Мај ќе ги дочекаат во македонскиот духовен центар-Охрид. Од Хотелската асоцијација на Македонија велат дека барем засега нема најави за доаѓање на голем број домашни и странски гости, иако некои помали хотели и индивидуални сместувачки капацитети ќе бидат солидно исполнети.
„Ние и сега имаме подготвено една група, можеби ќе има уште една. Ја следиме ситуацијата и ќе знаеме дали ќе можеме да тргнеме или не. Се надеваме дека владата ќе ги ублажи мерките, искрено се надеваме бидеќи во спротивно ќе изгубите значаен број на туристи кои што би дошле за Велигден и 1 Мај“, изјави Миљан Миљушковиќ- туристички работник од Црна Гора.
Експертите велат дека се остваруваат нивните првични прогнози според кои во туристичкиот сектор резултатите ќе бидат слични како и лани со мали отстапувања. Поради пандемијата поголемо активирање на потенцијалите во туризмот и угостителството би требало да има дури наредната година.
„Странските гости ќе изостанат затоа што ограничувања постојат во цела Европа, не е тоа карактеристика само на македонскиот туризам, тоа е присутно и во другите средини. Отворањето пак на рестораните ќе овозможи да имаме викенд туристи кои доминантно ќе бидат од нашите средини“, изјави проф. д-р Наум Мариноски.
Ако во минатото барометар за успешноста на туристичката сезона беа Велигден и 1 Мај од лани тој индикатор неможе да се користи.
„Сметам дека и кога ќе се прават анализите за наредниот период базен индекс ќе бидат минатата и оваа година , бидеќи тие ќе бидат оние со најниско ниво на посетеност. Ние времето ќе го мериме до пандемијата и од пандемијата“, изјави проф. д-р Мариноски.
Сепак треба да бидеме оптимисти вели Мариноски бидеќи имунизацијата и почитувањето на мерките за заштита од Ковид-19 можат позитивно да влијаат врз вкупните состојби. Можеби прометот во овој сектор нема рапидно да се зголеми, но многу е важно да се најдеме на мапата на земји безбедни за туризам.
Сашо Нелоски
