Нова инвестиција

„Гересхајмер“ отвори фабрика во Бунарџик, ќе вработи 400 лица

27.04.2021 12:53

Станува збор за инвестиција од областа на фармацевтската и здравствената индустрија. Платите ќе бидат двојно поголеми од просечните во земјава, вели првиот човек на зоните Деспотовски...

Официјално отворена фабриката на германската компанија „Гересхајмер“ во Технолошко индустриска развојна зона- Скопје 2, Бунарџик. Инвестицијата се очекува да достигне 25 милиони евра и се предвидува вработување на 400 лица.

Станува збор за инвестиција од областа на фармацевтската и здравствената индустрија. Платите ќе бидат двојно поголеми од просечните во земјава, вели првиот човек на зоните Деспотовски.

Поради ковид кризата изгубивме само околу половина година. Ве уверувам дека во следните два до три месеци ќе имаме значајно производство тука, рече Оливер Бургел, потпретседател на „Гересхајмер“.

Компанијата е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика со годишен обрт од 1,5 милијарда евра. Како што истакна Бургел, до 2028 година планираат годишниот обрт да изнесува 3,5 милијарди евра.