Турција целосно се затвора до 17-ти мај
Локдаунот значи затворање на училиштата и ограничување на меѓуградскиот сообраќај. Секој обид за излегување од постојаното место на живеење или од матичниот град мора да го одобрат локалните власти, а сите училиште ќе преминат на онлајн настава. Новите ограничувања нема да важат за фабриките и секторите за производство за храна.

Турскиот претседател Ердоган најави целосно затворање на земјата до 17-ти мај со цел да се стопира ширењето на коронавирусот. Пикот во Турција беше забележан на 16-ти април со повеќе од 63.000 новозаразени во 24 часа. Локдаунот значи затворање на училиштата и ограничување на меѓуградскиот сообраќај. Секој обид за излегување од постојаното место на живеење или од матичниот град мора да го одобрат локалните власти, а сите училиште ќе преминат на онлајн настава. Новите ограничувања нема да важат за фабриките и секторите за производство за храна.
„Во период кога Европа е во процес на отворање, мора брзо да го намалиме бројот на нови случаи на под 5.000 за да не останеме зад нас. Во спротивно, ќе биде неизбежно да има голема цена на секое поле од туризам до трговија и образование“, рече претседателот Ердоган.
Индија: Здравствениот систем се распаѓа, армијата на помош
Истовремено, Индија речиси секојдневно се соочува со светски рекорди на новозаразени од коронавирусот. Здравствениот систем се распаѓа, а во драматичната ситуација, владата бара дополнителна поддршка.
„Мислам дека никој не го очекуваше размерот на она со што се соочуваме во моментов. Мислам дека сите се задоволија со фактот дека бројките се намалија во месец јануари, и мислевме дека најлошото е зад нас“, изјави д-р Ленс Пинто, доктор во болница во Мумбаи.
„Исцрпени сме. Добивам по 50-ина повици на ден, некои бараат кревети, некои лекови. Немаме се на располагање и пациентите умираат“, вели еден лекар.
Најавено е распоредување и пензиониран воен персонал во клиниките, а залихите на кислород од армиските резерви ќе бидат ослободени за цивилна употреба.
„АстраЗенека“ го отфрли обвинението
Компанијата „АстраЗенека“ ги отфрли обвинувањата на Европската комисија дека не го почитува договорот за испорака на вакцини, наведувајќи дека правната постапка нема правна основа и најави дека ќе се брани пред суд.
Европската комисија соопшти дека, во име на сите 27 земји- членки на ЕУ, ја тужи компанијата за непочитување на договорите за набавка на вакцини против коронавирус и дека нема кредибилна програма за да обезбеди редовни испораки.
СЗО: Во следните две недели одлука за кинеските вакцини
Инаку, Светската здравствена организација се очекува во наредните две недели да одлучи дали итно ќе одобри употреба на две кинески вакцини против коронавирусот.
Одобрението ќе биде индикатор за регулаторните тела на земјите во светот за безбедноста и ефикасноста на кинеските вакцини и ќе им овозможи да бидат вклучени во ковакс програмата.
Доколку бидат одобрени, кинеските вакцини ќе бидат првите вакцини од незападни земји што ќе добијат одобрение од СЗО.
Марина Ристова
