Расте бројот на магистри и доктори на науки
21.03.2014 12:38
Во 2013 година звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.664 лица од кои 1.558 или 93,6% се магистри и 106 или 6,4% се специјалисти. Овој број во споредба со 2012 године е зголемен за 6,1%. Од друга страна звањето доктор на науки го стекнале 219 лица што претставува зголемување за 50% во споредба со 2012 година...

Повисокото образование станува се поголем предизвик во земјава. Последниве години континуирано расте брјот на лица кои се стекнале со звањето магистар или специјалист на науки, или пак доктор на науки.
Последните податоци на Државниот завод за статистика за 2013 година, покажуваат дека звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.664 лица од кои 1.558 или 93,6% се магистри и 106 или 6,4% се специјалисти. Овој број во споредба со 2012 године е зголемен за 6,1%. Од друга страна звањето доктор на науки го стекнале 219 лица што претставува зголемување за 50% во споредба со 2012 година.
Оние кои се определуваат да го продолжат понатаму високото образование најчесто се одлучуваат за општествените науки. Втор избор остануваат техничките науки, па следуваат хуманистичките и медицинските.
Во 2013 година, најголем број од магистерските трудови, 1.012 или 65%, се од областа на општествените науки, 18,2% се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од областа на хуманистичките, природно- математичките, биотехничките и медицинските науки.
Истовремено, најголем број од лицата што докторирале, тоа го направиле во областа на општествените науки, 52,1%; потоа на техничко – технолошките науки, 14,2 %; следат медицинските науки со 11,9%, а останатите лица докторирале во областа на хуманистичките науки, природно – математичките и биотехничките науки.
Интересен е податокот што се поголем број на жени го надополнуваат своето високо образование. Имено, учеството на жените- магистри во вкупниот број на лица кои стекнале научен степен магистер на науки во 2013 година изнесува 57,4%. Додека, бројот на жените кои одбраниле докторска дисертација во текот на 2013 година изнесува 119 кандидати што претставува 54,3% од вкупниот број на лица кои докторирале во 2013 година.
