Почетокот на пристапните преговори во фокус на средбите на Пендаровски во Брисел
Претседателот Пендаровски денеска и утре во работна посета на Брисел. На агендата средби со челниците на Европската унија и на НАТО...

Шефот на државата Стево Пендаровски на средбите во седиштето на ЕУ во Брисел ја отворил темата за почеток на пристапните преговори. На средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика Жозеп Барел, претседателот Пендаровски истакнал дека Северна Македонија покажа политичка зрелост и максимален фокус на остварувањето на европската перспектива и дека евроинтеграцијата е во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион.
Пендаровски побарал ЕУ да ја забрза својата улога што позитивно ќе се одрази на севкупните политички процеси и реформите. На средбата со претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли, шефот на државата посочил дека усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во најскоро време е наш клучен приоритет.
Претседателот Пендаровски и еврокомесарот за проширување Вархеји ја посочиле важноста од скорешно одржување на меѓувладината конференција и официјален почеток на пристапните преговори во рамки на европските состаноци во мај и јуни годинава.
Вархеји и Пендаровски разговарале за добрососедските односи и надминување на проблемите со Бугарија која стави вето на евроинтеграцијата.
Шефот на државата се заблагодарил за поддршката од ЕУ со економско-инвестицискиот план за Западен Балкан и донацијата од 119 вакцини „Фајзер“, со што ќе се забрза вакцинацијата во земјава.
Ирина Гелевска
