Политика

Четири години од упадот во Собранието, партиите со различни гледишта

27.04.2021 14:50

Четири години од упадот во Собранието. Социјалдемократите повторуваат дека вооружени насилници, посегнале по животите на пратеници, на новинари и по уставниот поредок. Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека неправедно осудени граѓани лежат со големи казни по македонските затвори. ДУИ преку соопштение го осуди говорот на омраза за време на протестот организиран во неделата...

За СДСМ застрашувачки што лидерот на опозицијата бил во првите редови на протестот за ослободување на луѓе кои се правосилно осудени. За ВМРО-ДПМНЕ, сосема легитимно е поддржувањето на безусловна борба за правда и безусловна борба против неправдата. Годишнината од упадот во Собранието уште еднаш ги потенцираше различните гледишта на најголемите партии во државата за ист настан.

Социјалдемократите повторуваат дека вооружени насилници, посегнале по животите на пратеници, на новинари, посегнале по уставниот поредок, по демократијата и волјата на граѓаните, а државата ја донеле на раб на граѓанска војна.

Во ВМРО-ДПМННЕ сметаат дека и по четири години не е расчистен случајот и неправедно осудени граѓани лежат со големи казни по македонските затвори. Од партијата додаваат дека веќе постои пракса на повторување на судски постапки врз база на изјави.

ДУИ преку соопштение го осуди говорот на омраза што се слушнал за време на протестот организиран во неделата, во одбрана на обвинетите и осудените лица за настаните од 27 април 2017 година.

Лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, вели дека луѓето што ги отвориле вратите биле амнестирани.

За настаните од 27 април беа осудени 16 лица со вкупна затворска казна од 188 години, која беше потврдена и од Апелацискиот суд. Паралелно им се суди на организаторите, за кои не е донесена правосилна пресуда.

 

Игор Панов