Товарен воз се излизга во Кумановско Романовце
Товарен воз излетал од шините на пругата во атарот на кумановско Романовце. Хаварисани се 12 вагони, од вкупно 20. Возот сообраќал на релација железничка станица Трубарево кон Куманово. Повредени лица нема, а е причинета материјална штета. Железничкиот сообраќај е во целосен прекин. Ова не е прва незгода во Романовце. Претходните години во неколку наврати имаше и жртви...

Вагони на товарен воз на јавното претпријатие за железничка инфраструктура, што сообраќал од Трубарево кон Куманово и превезувал камен, се излизгале утринава во кумановско Романовце. Повредени во несреќата нема, но е причинета значајна материјална штета. Од јавното претпријатие Железници и инфраструктура информираат дека се оштетени 12 вагони, но и околу 250 метри пруга. Железничкиот сообраќај е во целосен прекин.
-Јас во овој момент можам да ветам натчовечки напори на вработените, и следниот период независно што следат празници и за сите останати граѓани, но вработените ќе се обидат час поскоро да ја оспособат пругата и истата да ја стават во функција заради нејзината важност, бидејќи ова парче е дел од коридорот 10, посочи Хари Локвенец, директор ЈП Железници и инфраструктура.
Од претпријатието укажуваат дека Комисијата за вонредни настани ќе ги утврди причините за несреќата.
Ова не е прва незгода во кумановско Романовце и претходните години неколкупати на железничката станица имаше незгоди но за жал некои завршуваа и кобно. Во 2018-та токму во близина на Романовце имаше незгода во која загинаа дури три лица.
Жителите во чија близина се излизгале вагоните за македонската телевизија раскажуваат дека слушнале силен удар.
-Честопати се случува денес е најважно што нема жртви, бидејќи пред три години ние имавме и жртви тука. Секогаш оваа пруга не се одржува со години, и дрвата не се отстранети, а не да зборуваме за колосекот што треба да се одржува често пати од железници, вели еден жител.
-Живеам овде, слушнав удар, кога излегов, видов дека излегол од шините, страшен беше ударот. Машиновозачот беше добар, од таму дојде тука и го прашав рече се е во ред. Порано имаше сега нема, човек што се движеше по пругите, забележуваше, сега веќе 10 години нема контрола, нагласува друг.
Мештаните на кумановско Романовце апелираат до надлежните да спречат поголеми катастрофи.
Елена Георгиевска
