Минатата година се случиле 152 несреќи при работа, 25 биле фатални
Во Македонија се гине на работните места. Институциите да ги стават професионалците во прв план со цел надминување на ваквата состојба, велат од МЗЗПР...

Минатата година во земјава се случиле 152 несреќи при работа. Од нив 25 бели фатални. Стапката на смртни случаи при работа изнесува 3,14, односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 вработени. Стапката на смртни случаи при работа е речиси иста како во 2019-та година, кога изнесувала 3.13. По повод 28 Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) го презентираше Годишниот извештај за несреќи при работа за 2020 година.
„Доколку ја земеме за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува околу 0.5, повторно можеме да констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа. Во изминативе 12 години откако МЗЗПР води статистика за бројот на повреди и несреќи на работа евидентирани се над 400 луѓе кои загинале на работните места. Доколку тука ја додадеме и бројката на повреди, зборуваме за голем национален проблем на кој е неопходно системски да му се пристапи. Со други зборови, крајно време е на професионалците во струката да им се даде клучниот збор, наместо како секогаш досега на темата БЗР да се одлучува со политикантски пристап и од страна на партиските вработени во дел од институциите“, истакна Милан Петковски, претседател на МЗЗПР при презентацијата на Извештајот.
Споредено по градови, најголем број несреќи и смртни случаи на работните места во 2020 година се случиле во Скопје, по што следат Куманово и Кавадарци. Според дејности, минатата година најмногу несреќи имало во преработувачката индустрија и градежништвото по што следи јавната управа и одбрана.
