Почит од Сер Алекс за Венгер
Долгогодишното ривалство создава почит меѓу вистинските професионалци, оние кои со својата работа го креваат нивото, во случајов, на фудбалската игра. Без оглед што во текот на кариерата имаа жестоки битки во и надвор од теренот, Сер Алекс Фергусон му оддаде почит на Арсен Венгер, кој викендов 1000-ти пат ќе го предводи Арсенал. За исклучителниот јубилеј, францускиот фудбалски стратег ќе има силен ривал – на ред е премиерлигашкото дерби со Челзи на Жозе Мурињо.

Долгогодишното ривалство создава почит меѓу вистинските професионалци, оние кои со својата работа го креваат нивото, во случајов, на фудбалската игра. Без оглед што во текот на кариерата имаа жестоки битки во и надвор од теренот, Сер Алекс Фергусон му оддаде почит на Арсен Венгер, кој викендов 1000-ти пат ќе го предводи Арсенал. За исклучителниот јубилеј, францускиот фудбалски стратег ќе има силен ривал – на ред е премиерлигашкото дерби со Челзи на Жозе Мурињо. Венгер беше шампион на Англија во 1998-ма, во 2002-ра и во 2004-та, а меѓу неговите позначајни остварувања е и серијата од 49 натпревари без пораз во Премиер лигата.
„Во текот на годините имавме големи битки со Арсен, но целта ни беше нашите тимови да играат подобро. Секогаш сум уживал да го гледам Арсенал под негово водство. Можеби најголемото признание за него е што во последните 17 години, тој беше мој најголем соперник“, Фергусон со пиетет зборуваше за менаџерот на Арсенал.
Според бројот на натпревари во Премиер лигата, тоа се двајцата најуспешни тренери. Во текот на 27-те години на „Олд Трафорд“, Сер Алекс Фергусон го предводеше Манчестер Јунајтед на 810 средби во англискиот фудбалски шампионат, а Венгер досега има 698 првенствени мечеви на кормилото на Арсенал. На служба во северен Лондон е од први октомври 1996-та.
