Индија: Кислород единствено на црниот пазар
Додека болниците се борат за боца повеќе, на улиците царува продажбата на црно. Во отсуство на функционалниот систем, семејствата велат- немаат друг избор.

Во Индија, каде што бројот на починати од Ковид-19 надмина 200.000, се појави црн пазар на кислород. Додека болниците се борат за боца повеќе, на улиците царува продажбата на црно. Во отсуство на функционалниот систем, семејствата велат- немаат друг избор.
„Владата на Делхи не стори ништо, затоа луѓето страдаат. Кислород нема никаде, во ниту една болница, затоа црниот пазар царува.“
„Ако не ѝ дадеме кислород, таа ќе умре. Болниците немаат кислород и не ни е дозволено да влеземе внатре. Ова е единствениот начин.“
Дневните смртни случаи во Индија тројно се зголемија во изминатите три недели. На секои 5 минути умира по едно лице. Заразени се над 18 милиони, а пријавени 3.645 смртни случаи во последните 24 часа. Телата се палат на улиците.
„Никогаш не сум бил сведок на ваква сцена. Крематориумот е преполн, платформите за кремирање исполнети, дури и крај патот не е доволно. Никогаш не сум видел кремации на пат.“
Разорниот нов бран на Ковид-19 изврши огромен притисок врз здравствениот систем. Болниците бараат сите деловни субјекти да ги предадат залихите за итна медицинска употреба. Властите тврдат- „излив на поддршка“ доаѓа од меѓународната заедница.
„Се соочуваме со невиден втор бран на пандемија. Ова изврши огромен притисок врз здравствениот систем, врз капацитетите и ресурсите што ги имаме. Но, добивме понуди за помош од разни влади. Голем број медицинска помош веќе пристигна од Велика Британија. Сега пристигна и помошта од Русија. Донесоа многу голем број на опрема за генерирање кислород и антивирални лекови“, изјави Харш Вардан Шрингла, министер за надворешни работи во Индија.
Помош од над 100 милиони долари во борба против епидемијата испраќа и САД. Најавуваат и милиони дози вакцини.
И додека Индија руши светски рекорди на новозаразени, Светската здравствена организација предупредува дека индиската варијанта на Сарс-Ков 2 веќе е откриена во 17 земји.
Во меѓувреме, смирувачки тонови пристигнаа од основачот и директор на лабораторијата „Бионтек“, Угур Сахин кој изјави дека вакцината развиена со американската компанија „Фајзер“ е ефикасна против индиската мутација. Тој тврди дека е тестирана на повеќе од 30 мутации на вирусот, и секојпат е добиен барем „доволен имунолошки одговор“.
Бојана Крстевски
