Евроинтеграции

Димитров: Ако нема преговори, сите губиме

29.04.2021 13:37

Ако нема почеток на преговори, губитници ќе бидеме ние, но и Бугарија и ЕУ, смета вицепремиерот за евроинтеграции Димитров. Братислава е против раздвојување на преговарачкиот процес за Македонија и Албанија. Тие треба да ги почнат преговорите заедно, изјави словачкиот заменик- шеф на дипломатијата Клус...

Сите победници или сите губитници, вака вицепремиерот за евроинтеграции Димитров го коментира процесот на нашето членство во Европската Унија, во зависност од тоа дали Софија ќе остане на ветото. Потенцира дека ако нема почеток на преговорите во јуни, Македонија секако ќе биде најголемиот губитник, но ќе загубат и Бугарија и ЕУ. Партнерството и соработката не одат заедно со ветото. Димитров смета дека нема гаранции за старт на преговорите, но како што рече, има посветеност од португалското претседателство и дека сите шанси треба да се искористат.

Прашањето за менување на границите е многу лоша и опасна идеја, која воопшто не треба да се става на маса, вели словачкиот заменик- министер за надворешни работи, коментирајќи го „нон-пејперот“. Клус смета дека е добро што нема автор, а фокусот треба да е на позитивната агенда, а не на историски, јазични и билатерални прашања. Проширувањето на ЕУ е стратегиска цел на Братислава.

Македонија бара од Европскиот Совет во јуни да ја материјализира одлуката за старт на преговорите и да не се чека решавање на политичката ситуација во Бугарија, односно до формирање влада која ќе ги продолжи преговорите.

 

Милчо Велески