Ракомет

Македонските ракометари ослабени на последниот меч од квалификациите за ЕП 2022

29.04.2021 15:24

Македонија сигурно е второпласирана во групата, а за првото место има само теоретски шанси...

Ракометната репрезентација на Македонија ќе биде ослабена на последниот меч од квалификациите за ЕП 2022 кој ќе се одржи во недела на домашен терен против Швајцарија. Станува збор за дуел без преголемо натпреварувачко значење, Македонија сигурно е второпласирана во групата, а за првото место има само теоретски шанси, поради што се очекува селекторот Кире Лазаров и неговиот прв асистент Филип Миркуловски да останат само дел од стручниот штаб на неделниот дуел во СЦ „Јане Сандански“.

Вакво нешто се случи и при претходниот квалификациски собир, кога Лазаров и Миркуловски дадоа голем придонес во историската победа во Скопје над Данска, но потоа најискусните останаа на клупата за реваншот што се одигра во Данска.

Покрај двајцата големи асови, дуелот со Швајцарија сигурно ќе го пропушти и Дејан Манасков, кој заработи незгодна повреда на вчерашниот меч со Финска. Врз крилниот ракометар денес ќе бидат извршени детални прегледи, но тешко е да се поверува дека ќе се ризикува со настап на крилниот ракометар на Веспрем непосредно пред завршницата од сезоната во Лигата на Шампионите.