САД

Бајден во првото обраќање во Конгресот: Америка се врати и има намера да остане

29.04.2021 17:35

Америка е подготвена за полетување. Повторно работиме, повторно сонуваме, повторно откриваме и го водиме светот повторно“, изјави Џо Бајден, претседател на САД...

Во обраќањето пред двата дома на американскиот конгрес, претседателот на САД, Џо Бајден даде отчет за првите 100-те дена од преземањето на функцијата. Новата администрација успеала да ја врати вербата во демократијата и да почне процес за обнова на економијата настрадана од пандемијата на Ковид-19.

„Американците секогаш се исправуваат. Денес тоа е она што го правиме. Америка повторно се издигнува. Одбираме надеж, наместо страв, вистина наместо лаги, светлина наместо темнина. По 100 дена спасување и обновување, по мене, Америка е подготвена за полетување. Повторно работиме, повторно сонуваме, повторно откриваме и го водиме светот повторно“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Во однос на меѓународната сцена, Бајден истакна дека Америка се вратила и има намера да остане.

„Разговарав со 40-тина светски лидери, и на сите нив им ставив на знаење дека Америка се врати. Тие велат дека гледаат дека Америка се вратила, но прашуваат за колку долго? Мои сограѓани американци, мора да покажеме не само дека не само што се вративме, туку се вративме да останеме. Тоа ќе го сториме водејќи заедно со нашите сојузници. Ниту една нација не може самостојно да се справи со сите кризи на нашето време, од тероризмот до нуклеарното оружје, масовната миграција, сајбер безбедноста, климатските промени, како она со што се соочуваме сега, односно пандемијата“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Американскиот претседател се осврна и на економијата, образованието, новите работни места, вакцинацијата, како и климатските промени. Во однос на надворешната политика на САД, потврди дека нема да стреми кон конфликти со Кина и со Русија, истакнувајќи дека ќе ги брани интересите на Америка.

 

Марина Ристова