Украина: прв чекор кон ЕУ!
Унијата е подготвена финансиски да и помогне на новата украинска влада под услов да постигне договор со ММФ...

Европската Унија и привремената украинска влада ја потпишаа спогодбата за стабилизација и асоцијација, со што, според претседателот на Европската комисија, Баросо, се запечатило силното политичко партнерство меѓу Украина и Унијата.
„Ова е историски ден за мојата земја, а верувам дека е историски и за цела Европа. Ние сакаме да бидеме дел од европското семејство, а ова е првиот чекор кон тоа Украина да ја исполни својата цел. Свесни сме дека патот е тежок, но нашата задача е да го исполниме сето она за што се бореа украинските граѓани“, изјави украинскиот премиер, Арсениј Јацењук.
Истовремено, горниот дом на руската Дума го потпиша договорот со кој Крим и официјално станува дел од Русија. Со тоа, Крим и Севастопол стануваат рамноправни членки, а граѓаните на Крим рамноправни граѓани на руската федерација. Доцна синоќа шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ додадоа нови 12 имиња на црната листа на санкционирани руски функционери. Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј се закани, во случај Русија да не преземе мерки за деескалација на кризата, ќе бидат воведени многу посериозни санкции коишто ќе опфаќаат широк спектар од економската област.
„Го откажуваме следниот ЕУ-Русија самит, а земјите членки исто така ќе ги откажат и редовните билатерални средби. Ставаме јасно до знаење дека ако кризата не се реши по мирен пат и ако Русија продолжи да презема чекори за дестабилизација на Украина, ќе има далекусежни последици, рече Херман Ван Ромпуј.
Германската канцеларка Меркел рече дека Унијата е подготвена финансиски да и помогне на новата украинска влада под услов да постигне договор со ММФ. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун се очекува денеска да пристигне во Киев на разговори со претседателот и со премиерот на земјата, Турчинов и Јацењук во обид да се намалат тензиите во Украина.
Марина Автовска
