Ковид-19

Индија собори црн светски рекорд според бројот на заразени и починати

30.04.2021 12:29

СЗО смета дека состојбата со Ковид-19 во Европа се подобрува, а бројот на заболени е помал од бројот на имунизирани граѓани...

Индија собори црн светски рекорд според бројот на заразени и починати со Ковид-19. За 24 часа биле заразени над 386 илјади лица, а 3.500 починале, соопшти министерството за здравство. Болниците се преполни, а покрај меѓународната помош најголем проблем претставува недостигот на кислород за болните. Во центрите за полнење, цената на резервоар со кислород е непроменета 3 евра за 47 литри.

-„Чекам со часови, но сè уште не го наполнив мојот цилиндар.“

-„Зошто да ве пуштиме да поминете? Ние сме тука од утрово, чекајте во редица како и сите други“, изјавија граѓани.

„Ситуацијата е критична, секој сака кислород и прв да наполни. Луѓето не можат да чекаат ниту една минута, за нив тоа е прашање на преживување. Се чувствувам како да седам на вулкан“, изјави Кришан Кумар, менаџер во фабриката за дистрибуција на кислород.

Во изминатите 24 часа во Индија се вакцинирани речиси 294 илјади лица. Во меѓувреме, Владата го забрза процесот на увоз на критични медицински материјали во услови на енормна побарувачка поради пандемијата. ЕУ и одобри на Индија увоз на 17 медицински лекови и материјали неопходни за лекување на пациентите со Ковид. Премиерот Нарендра Моди ја разгледа подготвеноста и иницијативите на Армијата за справување со ситуацијата со Ковид-19 во земјата.

СЗО смета дека состојбата со Ковид-19 во Европа се подобрува, а бројот на заболени е помал од бројот на имунизирани граѓани.

Регистрирани се над 51 милиони заразени, од кои 1,4 милиони во последните 7 дена.

Францускиот претседател Макрон го објави планот во четири фази за олеснување на мерките. Од понеделник ќе може целосна слободно да се патува низ целата земја. Полицискиот час од 21 мај се крати и ќе почнува во 21 часот, а од 9 јуни од 23 часот.

-„Добро е, ќе дишеме малку повеќе, но јас сум изненаден бидејќи бројките не изгледаат многу позитивни. Бројките сè уште се високи“.

-„Повеќе би сакале да биде порано бидејќи искрено, многу добро знаеме дека во малите продавници нема контаминација“, изјавија граѓани.

Се олеснуваат мерките и во Ирска. На граѓаните ќе им биде дозволено од 10 мај да патуваат низ целата земја. Истиот ден повторно ќе почнат да работат фризерите но само со закажување. Ќе проработат и библиотеките, музеите и галериите. На верските служби ќе биде дозволено присуство до 50 лица, вклучително и свадби, погреби и миси. Сепак, свадбените забави во затворено ќе останат ограничени на шест гости и 15 на прослави на отворено.

Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио најави целосно отворање на први јуни, по повеќе од една година карантин поради пандемијата со Ковид-19, откако беше вакциниран голем дел од неговите осум милиони жители.

 

Свето Николовски