Најмалку 44 луѓе загинаа, а 150 се повредени во стампедо на верски фестивал во североисточен Израел
Полицијата ги утврдува причините за трагедијата, според првите проценки неколку стотици ортодоксни евреи, од вкупно 100-на илјади колку што присуствувале на фестивалот, се лизнале по скалите, по што настанало стампедото...

Хеликоптери, болнички возила, настрадани и повредени. Трагичен епилог по верскиот фестивал Лаг Ба Омер во североисточен Израел. Десетици илјади православни евреи се туркаа во човечко стампедо на планината Маунт Мерон. Засега бројот на жртвите достигна неколку десетици, бројот на повредените допрвин се утврдува. Несреќата се случи на првото религиозно собирање откако Израел ги укина ковид протоколите и прогласи крај на пандемијата.
-Бевме зад местото, кога сите почнаа да трчаат кон излезот поради светкавиците, тоа беше публиката на Ахарон. Луѓето се прегазуваа еден со друг, и полека веќе немаа каде. Оттогаш почнаа и со евакуацијата и со помошта со вештачко дишење, изјави очевидец.
-Навистина е тешко да се види ова. 10 години работам во брзата помош и не се сеќавам дека сум видел вакво нешто. Најпрвин помисливме дека на неколкумина од нив им се слошило, но кога пристигнавме на местото сфативме дека е во прашање инцидент со масовни жртви, меѓу нив имаше деца, изјави Омри Горга од итната медицинска служба.
Полицијата ги утврдува причините за трагедијата, според првите проценки неколку стотици ортодоксни евреи, од вкупно 100-на илјади колку што присуствувале на фестивалот, се лизнале по скалите, по што настанало стампедото. Во болниците и покрај метежот, дојде до израз израелската организација во кризни состојби.
-Зборува контролниот центар. Почнете ја постапката за масовна несреќа.
-Во болницата пристигнуваат повредените, тукушто слетаа хеликоптери со неколкумина, меѓу нив има тинејџери и деца, сериозно се повредени. Сега ја проценуваме нивната состојба, изјави Мајкл Халбертал, директор на болницата Рамбам.
Во пресрет на христовото воскресение, израелскиот премиер Бенјамин Нетањаху несреќата ја нарече тежок и масовен инцидент. Се молам за настраданите, рече Нетањаху.
Зоран Богатинов
