Потраги

Семејствата на исчезнатите лица во неизвесност, полицијата постапува

30.04.2021 16:47

Мајка од Демир Капија со денови го бара 30-годишниот син. Повеќе од месец дена неизвесност и во домот на семејството Лумани – ни трага ни глас од младото момче од Крани. Двата случаи ја вознемирија јавноста. Полицијата постапува, но засега без успех …

Триесет годишниот Илија Лазаревиќ од Демир Капија на 2-ри април излегол од дома. Од тогаш му се губи секаков траг. Рекол дека ќе излезе на кратко, но откако вечерта не се вратил и не одговорил на телефонските повици, мајка му најпрво помислила дека преноќил кај некој другар. Но, утредента за Снежана Лазаревиќ почнува вистинскиот кошмар. Ниту еден од другарите не го видел Илија, кој и натаму не кревал на телефонот, а по извесно време тој се исклучил.

Во меѓувреме, добиени се и неколку дојави дека Илија е виден на неколку локации низ државава. Мајката вели – секој ден се молам детето да ми се врати дома живо и здраво.

Снежана не е единствениот родител од Македонија кој речиси еден месец се моли неговото дете да ѝ се врати дома. Речиси идентична судбина го снајде и семејството Лумани од преспанско Крани. Нивниот 27-годишен син Ислам на 21-ви март изутрината ги побарал клучевите од автомобилот, рекол дека ќе излезе на кратко, но повеќе не се вратил дома. По некое време, напуштениот автомобил бил пронајден на блиската плажа, а од Ислам ни трага ни глас.

Од полицијата за Македонската телевизија потврдија дека и во двата случаи се преземаат сите потребни дејствија за пронаоѓање на исчезнатите. Оттаму со апел – во вакви случи, роднините и пријателите да ги даваат целосните информации.

Во земјава во моментов како исчезнати се водат околу 100 лица. Голем дел од нив таков статус имаат и повеќе од 10 години.

Марија Котовска