Ставрески: Потврдата на Фич признание за владините политики

21.03.2014 14:06

Фич ги нотира умерениот буџетски дефицит и нискиот државен долг за кој оценува дека ќе се задржи на ниво од 36 до 37 насто до 2015-та година...

Одлична вест е што една од трите најреномирани агенции за кредитен рејтинг на светот го потврди кредитниот рејтинг на Македонија во време кога постои намалување на рејтинзите на земјите од регионот и пошироко, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Кредитната агенција Фич го потврди стабилниот ББ+ кредитен рејтинг на Македонија - признание за економските политики што се спроведуваат во државава. Фич ги нотира умерениот буџетски дефицит и нискиот државен долг за кој оценува дека ќе се задржи на ниво од 36 до 37 насто до 2015-та година.

„Една од трите најреномирани агенции на светот Фич, денеска го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија, што е одлична вест, бидејќи само во претходните месеци и Фич и Стадард едн Пурс ги намалија кредитните рејтинзи на многу земји во регионот, како Хрватска, Србија, и пошироко Русија, Украина, Турција итн. Тоа е само уште една потврда дека макроекономските политики, кои како што наведува Фич се стабилни, постои добра стапка на раст која е движена од градежништвото и високите капитални инвестиции од буџетот, како и средствата што ги вложуваат странските инвеститори во компаниите во зоните“, истакна Ставрески.

Владата продолжува со капиталните инвестиции, странските инвестиции растат, се подобрува извозот, стои во извештајот на Фич.