ССМ го одбележа Меѓународниот ден на трудот со барање за нов закон за работни односи со европски стандарди
„Да живее 1 мај – правда за работникот“, Конфедерација на слободни синдикати на Македонија пред Владата изразија загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците...

Нема да дозволиме кризата да падне само на грбот на работникот порачаа од Сојузот на синдикатите, по повод меѓународниот ден на трудот 1 мај. Загрижени за егзистенцијата поради намалени плати, откази од работа, синдикатот на ССМ упати апел да се почитуваат правата на работниците. Побараа носење на нов закон за работни односи по европски стандарди, договорите за работа да се трансформираат на неопределено време, и породилното отсуство да биде 12 месеци.
На денот на трудот членовите на синдикатот се собраа пред зградата на ССМ облечени во маички во црвена боја за да кажат стоп на кршењето на работничките права. Посочија на потребата од солидарност и заедништво во услови на криза.
Со паролите „Да живее 1 мај – правда за работникот“, Конфедерација на слободни синдикати на Македонија пред Владата изразија загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците. Побараа формирање на солидарен фонд со кој ќе се обесштетат сите работници кои го изгубија своето работно место по кој било основ за време на пандемија.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати најавија продолжување на протести.
Дијана Ценевска
