ОХРИД

Градот се исполни со гости, но хотелските капацитети со скромна искористеност

01.05.2021 19:07

Во текот на продолжениот празничен викенд Охрид се исполни со гости, но најголемиот број од хотелите се минимално искористени. Најбројни се посетителите коишто на охридското крајбрежје поседуваат викенд-станови и викендички, а дел се сместени и во индивидуалните сместувачки капацитети. Покрај од земјава иако во мал процент во Охрид допатуваа туристи и од соседните држави …

После подолг период од вчера Охрид наликува на вистински туристички центар. Охридската чаршија, градскиот кеј, кафетериите и рестораните долж крајбрежјето се полни со гости од земјава и во помал процент од соседните држави, пред сè од Србија и Црна Гора. Но оваа слика не ја одразува вистинската искористеност на хотелските капацитети бидејќи најбројни се посетителите коишто се сопственици на викендички и викенд станови, чиј број се проценува на околу 8.000, додека хотелите во просек се искористени помеѓу 20 и 30 проценти.

„Посетата за празниците е скромна, нашите капацитети се исполнети едвај 20 проценти што секако е прескромно и премалку и под нашите очекувања. Оваа година исто како и лани недостигаат странските туристи кои обично своите патувања за Охрид и Македонија ги почнуваа на почетокот на мај“, изјави Игор Јанески, менаџер на хотел.

Сепак има исклучоци кои успешно ја презентираа својата понуда во регионот.

„Работиме со два хотелски капацитети со 3 и 4 ѕвезди чии капацитети се исполнети до 70 посто со домашни гости, така и со гости од соседна Србија“, изјави Наташа Цветаноска, менаџер на хотел.

Туристите од соседството се чувствуваат безбедно во хотелите, а особено се задоволни што ќе можат да присуствуваат на велигденските богослужби.

„Со оглед на тоа што Велигден и 1 Мај се поклопија и граѓаните на Србија имаат продолжен празничен викенд посакавме да дојдеме кај нашите православни соседи, во колевката на христијанството овде во Охрид и со вас заедно да го прославиме утрешниот празник. Црквата Свети Стефан е многу блиску до хотелите каде што сме сместени така што најсветлиот христијански празник организирано ќе го дочекаме во тој духовен храм“ изјави Данка Гардовиќ, туристички водич од Србија.

Поради скромниот учинок во текот на овој празничен викенд хотелиерите единствената шанса за да опстојат ја гледаат во брзата имунизација и намалувањето на бројот на заболените и заразените од Ковид-19, бидејќи само на тој начин Охрид ќе биде привлечна дестинација за странските и домашните туристи.

 

Сашо Нелоски