Струга

Струга со тројно помалку туристи од Охрид

01.05.2021 19:29

Струга со тројно помалку туристи во однос на Охрид. Иако и градот на мостовите изобилува со голем туристички потенцијал и домашните и странските гости го избираат Охрид. И овој празничен викенд во Струга има далеку помал број туристи …

Во Струга тројно помалку туристи во однос на Охрид. И двата градови го делат преубавото Охридско Езеро, изобилуваат со голем туристички потенцијал, богато природно, културно историско наследство. Струга дури е еден од ретките градови на две води, но и покрај сè туристите го преферираат Охрид.

Официјалните податоци од државниот завод за статистика за туристичките движења во двете населени места говорат дека Охрид е далеку повеќе посетуван од Струга. И овој празничен викенд во Струга има многу помал број туристи.

- И низ годините наназад секогаш бил помал интересот за Струга, тоа не значи дека промоцијата не е толку фокусирана на Струга, но јас мислам дека кога имаме две волуменски дестинации една до друга секогаш едната ќе биде помалку посетувана во однос на другата, вели Љупчо Јаневски директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во 2019 година, една од најдобрите години за туризмот, Охрид го посетиле 322.573 туристи, додека Струга три пати помалку или 106.334 туристи. Од Агенцијата за туризам велат Струга мора да работи на поголема туристичка промоција.

- Очекувам дека општината Струга уште повеќе ќе вложи во атракциите, во нови атракции во самата општина исто така ќе понуди одредени аранжмани со коишто сосема солидно ќе биде подготвена и ќе се приближи до градот Охрид, појаснува Јаневски.

Во 2019 година во Охрид имало 130.643 домашни туристи а во Струга 52.300. Во однос на остварените ноќевања, во Охрид над милион и 100 илјади, а во Струга имало само околу 400 илјади остварени ноќевања.

 

Соња Рилковска