Тетово

Нова велосипедска патека во Тетово

03.05.2021 11:07

На Тетово му се потребни велосипедски патеки поставени според стандарди, но возачите мора да ги почитуваат правилата и да не го узурпираат нашиот простор, велат велосипедистите...

Нова велосипедска патека во Тетово но со многу препреки. Обележана е на десната страна на коловозот од булеварот Илинденска, но на самата патека поставени се контејнери, се паркираат возила, а велосипедистите се изложени на постојан ризик.

Низамеди Ваити од Тетово по стотина метри возење наиде на паркирано возило. Мораше да застане, да го заобиколи, да продолжи по улицата, па повторно да се приклучи на велосипедската патека. Вели дека ваквите препреки се чести, патеката е небезбедна и претесна.

На Тетово му се потребни велосипедски патеки поставени според стандарди, но возачите мора да ги почитуваат правилата и да не го узурпираат нашиот простор, велат велосипедистите.

Велосипедската патека се користи дури и за потребите на Јавното комунално претпријатие Тетово.

Од Општина Тетово велат дека започнати активности за поставување на столпчиња, со што ќе се оневозможи паркирање на возила, а контејнерите за отпад ќе се тргнат и за нив ќе се обезбеди соодветна локација. Ова е втора велосипедска патека во Тетово, откако пред неколку години се изгради на булеварот Маршал Тито, но и таму велосипедистите постојано наидуваат на разни препреки.

 

Зоран Димовски