Православните верници го слават најголемиот христијански празник- Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии. „Да се радуваме на воскесението Христово“, повика поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан...

На полноќ поглаварот македонски и охридски ја соопшти радосната вест. Синот божји воскресна. Верниците го слават најголемиот христијански празник. Храмовите се исполнија, се одржуваат велигденски литургии. Г.г. Стефан рече- се покажавме како христољубив и богољубив народ.
„Такви сме и за овој Велигден и покрај присутната пандемија, се радуваме на најрадосната вест, на веста за Христовото воскресение. Но, празнувајќи да не ги заборавиме оние кои боледуваат, оние коишто се грижат за нив, како и за душите и на оние коишто починаа од опасната болест што не демне веќе втора година“, рече поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.
Со маски и растојание, на светата Велигденска литургија во Соборниот храм денеска се почитуваа мерките за заштита од пандемијата. Здравје, љубов и единство посакуваат верниците.
Во посланието од Архиепископот охридски и македонски, отец Сашо се осврна и на измените во образовната дејност. Причеста е света и ако не се јаде од лебот и не се пие од крвта, нема живот вечен, рече отец Сашо.
Христовото воскресение на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква. Православните Христијани со зборовите „Христос воскресна, навистина воскресна“ го дочекаа најголемиот христијански празник, Велигден.
Ана Јосифоска Тодоровска
