Честитки од државниот врв по повод големиот христијански празник, Велигден
Државниот врв го честиташе Велигден на граѓаните со желби за добро здравје, благосостојба и неизбежната порака за почитување на заштитните мерки од Ковид- 19. Лидерот на опозицијата, Мицкоски порача и дека земјава се соочува со тешка криза, со сиромаштија, по што повторно ја најави македонската политичка пролет...

Велигден како празник на надежта ги исполнува срцата со топлина, а мислите со оптимизам и верба. Да шириме љубов и добра мисла и да му се радуваме на животот. Нека постојано со нас биде присутна дарежливоста, добродушноста и искреноста – пишува во честитката шефот на државата Стево Пендаровски.
„После повеќе од една година живот во пандемија која го загрозува здравјето и предизвикува економска пустош, се наѕира крај на голготата со која се соочува целото човештво. До завршувањето со имунизацијата да бидеме совесни и одговорни“, вели претседателот Пендаровски.
Премиерот Заев истакнува дека во време кога целиот свет поминува низ тешки премрежија предизвикани од коронавирусот Ковид-19, празникот на спасението што нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност како одговорни чинители да понесеме саможртва.
Големите празници се секогаш добра можност да се потсетиме на работите кои вистински ни го радуваат срцето, да ја засилиме вербата и надежта која треба да ја имаме за да ги надминеме предизвиците - пишува во пораката на спикерот.
„Нека празникот донесе нова, силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата, закрепнување на економијата и колективно здравје на сите наши граѓани. Да запомниме дека здравјето е меѓу оние вредности на животот кои се од најголемо значење, кои се незаменливи и универзални за сите нас, без оглед на разликите што не карактеризираат“, стои во честитката на Џафери.
За лидерот на опозицијата, овој Велигден, покрај празничната радост е обземен со горчина поради кризата со која се соочува земјава. Повеќе од 4.800 сограѓани ги загубија своите животи, и над 150.000 се заразија минувајќи низ силни искушенија- вели Мицкоски.
Апелот од целиот државен врв, но и од опозицијата е да се празнува одговорно. Да се заштити сопственото здравје, но и на блиските околу нас.
Миле Ристески
