Охридските црковни храмови исполнети со верници
Во Охрид радосната вест за Христовото воскресение покрај охриѓани ја слушнаа и неколку илјади верници од земјава и странство. Граѓаните беа задоволни поради укинувањето на полицискиот час за време на најголемиот христијански празник Велигден, што им овозможи да ја продолжат вековната традиција...

Илјадници верници од земјава и странство синоќа ги исполнија сите парохиски цркви во македонскиот духовен центар Охрид каде што на полноќ ја слушнаа радосната вест за Христовото воскресение. Најсвечено беше на Плаошник во возобновениот Светиклиментов храм каде што се одржа централната богослужба со која чиноначалствуваше митрополитот Тимотеј. Верниците со голема радост ја прифатија одлуката да се укине полицискиот час за празникот што им овозможи да ја продолжат традицијата долга над 2.000 години, бидеќи Христос со воскреснувањето ја победи смртта и на луѓето им подари непобедлива и неуништлива сила на која не можат да и одолеат ниту силите на злото.
„Мислам да, многу бевме психички оптеретени вака малку се поослободивме со Велигден, со празников“.
„Секако за тоа немам никаква дилема, нормално со сите протоколи, со сите луѓе кои што внимаваат, сите сме свесни така што мислам дека е добро“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.
„Овде е прекрасно, православието е нешто најважно во светот и не треба да го делат, тоа како што чуствувам овде не се прави. Овде сум со семејството, ми се допаѓа и се чуствувам безбедно“, изјави турист од Црна Гора.
Пораките и желбите на граѓаните годинава се главно насочени за што поскоро завршување на пандемијата.
„Па да заврши ова лудило што побрзо, овој светски заговор. Да, постои пандемија но е светски заговор, наметнато, треба што побрзо да заврши за да живееме нормален живот“.
„Да помине пандемијата , сите да бидеме здрави и живи, затоа дојдовме тука во овој свет храм да си посакаме секако здравје за најблиските и светската пандемија конечно да запре“- велат граѓаните.
Утрото во сите парохиски цркви во градот се одржаа утрински богослужби по што по традиција граѓаните празникот го минуваат со најблиските, а гостите уживаат во долгите прошетки или на терасите во кафетериите и рестораните долж езерото кои им овозможуваат да видат дел од прекрасните панорами кои ги нуди Охрид.
Сашо Нелоски
