Таџикистан и Киргистан ги повлекуваат силите
Конфликтот меѓу двете земји почна на 28 април, во близина на пумпна станица за снабдување со вода во селото Кок-Таш, територија која Таџикистан ја смета за своја, но за Киргистан е спорна. Инцијалната каписла на судирите бил обидот од таџикистанска страна да постави надзорни камери на пунктот...

Оружјето стивна. Воените и полициските сили на Таџикистан и на Киргистан почнаа да се повлекуваат од зоната на судири, долж границата меѓу двете земји. Процесот се одвива без поголеми инциденти, иако пограничните единици сè уште се во состојба на зголемена борбена готовност. Договорот меѓу двете страни падна во директни преговори.
„Постигнавме принципиелен договор да ги решиме недоразбирањата во интерес на мирот и на стабилноста на Киргистан и на Таџикистан. Мислам дека можеме да го постигнеме тоа“, вели Сајмумим Јатимов, шеф на Комитетот за национална безбедност на Таџикистан.
Конфликтот меѓу двете земји почна на 28 април, во близина на пумпна станица за снабдување со вода во селото Кок-Таш, територија која Таџикистан ја смета за своја, но за Киргистан е спорна. Инцијалната каписла на судирите бил обидот од таџикистанска страна да постави надзорни камери на пунктот што беше дочекано на нож од жителите на Киргистан кои одговориле со фрлање камења, по што не требаше многу да се вклучат и армиите.
„Се надевам дека дека ќе имаме целосен прекин на огнот, мир и смирување на ситуацијата, особено во пограничните територии. Веруваме дека донесените одлуки, за кои напишавме и протокол ќе бидат извршени“, изјави Камчибек Ташиев, шеф на Националниот комитет за безбедност на Киргистан.
Спорот за водната станица трае со децении, уште од времето кога двете држави беа дел од Советскиот сојуз. Според проценките, во борбите загинале 40 луѓе, 175 се повредени, а илјадници беа евакуирани од зоната на конфликтот. Ова беа најголеми судири меѓу Киргистан и Таџикистан во последниве 30 години.
Мартин Пушевски
