СЕММ: Од властите е потребна поддршка за слободата на медиумите, од професијата – одговорност
Секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе го разбереме како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите.

Советот за етика во медиумите на Македонија по Светскиот ден на слободата на медиумите, од власта и институциите очекува да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки.
Секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе го разбереме како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите.
Искуството потврдува дека најголемиот ризик за демократијата произлегува токму од медиумите што биле и остануваат под контрола на политичките центри на моќ, наведуваат од Советот за етика во медиумите.
Советот нагласува дека пандемијата уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите.
Квалитетното и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување, посочува Советот.
