Турнеја низ Западен Балкан

Вархеји утре во посета на земјава, пристигнуваат вакцините донација од ЕУ

03.05.2021 14:43

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји на турнеја низ Западен Балкан по повод доставувањето на првите вакцини против Ковид-19 со финансиски средства од Европската унија. Денеска е во Србија, утре ќе ги посети Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а в среда ќе престојува во Албанија и во Косово...

Во земјите на Западен Балкан пристигнуваат првите вакцини против коронавирус испратени и платени од Европската унија. Македонија преку Австрија ќе ја добие првата донација од 4.680 дози на „Фајзер“. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји лично ќе ги донесе. Ќе го посети и вакциналниот пункт во спортскиот центар Борис Трајковски. Акцентот на посетата ставен на одговорот на пандемијата на коронавирусот и поддршката на Европската унија во тој контекст, информираа од Европската комисија. Вархеји рече дека патува на Западен Балкан за да пренесе „јасна порака дека еу се грижи за партнерите“.

„Патувам на Западен Балкан за да пренесам јасна порака: Ние се грижиме! Ние се грижиме за нашите партнери и се грижиме за нивните здравствени работници и најранливите. Испораките со вакцини ја потврдуваат нашата постојана посветеност на поддршката, како што сторивме уште од избувнувањето. Заедно посилни“, напиша на Твитер, еврокомесарот Вархеји.

Македонија, Косово и Босна и Херцеговина го добиваат најголемиот дел од вакцините од ЕУ до август. Од вкупно 651.000 дози, една третина, 214.000 се за БиХ, 145.000 за Албанија, 119.000 за Македонија, 95.000 на Косово, 42.000 на Црна Гора и 36.000 дози на Србија.

Овие вакцини треба да обезбедат имунизација на сите здравствени работници од првата борбена линија против коронавирусот и најранливите групи. Вакцините се финансирани од Фонд во вредност од 70 милиони евра.

 

Наташа Гркова- Петрушевска